Веспрем го совлада Вардар 1961 со 35-27 во финалето на регионалната ракометна СЕХА лига, и ја оправда фаворитската улога, а на скопските Црвено-црни им преостанува да се фокусираат на претстојната сезона.
„Се обидовме со игра 7 на 6 во нападот да го изненадиме противникот. Бевме свесни колку е убиствена нивната транзиција и колку се брзи ако се одбранат успешно. Победата на Веспрем е заслужена, очигледно е дека тие се подобар тим, имаат подолг ростер на располагање и повеќе квалитетни поединци во моментов од нас“, изјави тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.
Голманот Борко Ристовски смета дека клучен проблем е недоволната воиграност на тимот.
„Имаме многу нови играчи и ќе ни треба некое време додека работите да тргнат во вистински правец. Овој турнир ни помогна да видиме кои ни се слаби точки и верува дека ако се подобриме во тие аспекти од играта во следниот период, ќе имаме добра сезона. Покажавме дека во финалето не влеговме со бело знаме, во спортот мора да се борите цело време, без разлика кој ривал е на другата страна. Мислам дека можевме да прикажеме подобра игра, но што е, тука е. Победата на Веспрем е целосно заслужена“, рече Ристовски, кој беше јунак на полуфиналето со ППД Загреб.