За денес попладне се предвидени квалификациите во Формула 1 во пресрет на трката за Големата награда на Тоскана. Легендарната патека „Муџело“ ќе биде во знакот на Ферари, италијанскиот тим утре ќе ја запише 1000-тата трка во најбрзиот мото-циркус.
Но, според прикажаното на тренинзите, Мерцедес има намера да го расипе јубилејот на вечниот ривал, тоа го најави Валтери Ботас кој беше најбрз на вчерашниот тренинг. Верстапен се наметна како втор, додека Леклер, вториот возач на Ферари, извозе побрзо од Хамилтон. Победникот на претходната луда трка која се одржа во Монца, Пјер Гасли, заврши во топ 5 на последниот тренинг. Како и да е, болидите на Мерцедес, особено актуелниот светски првак, се фаворити да триумфираат на „Муџело“.
Инаку, за првпат по пандемијата со корона-вирусот ќе има публика на една трка во Формула 1. Организаторите доделија 2.800 билети на фан-клубот на Ферари за да може да се слави јубилејот, а гледачите ќе бидат поделени на три трибини.