Македонскиот првак Вардар и оваа сезона ќе биде еден од главните клубови во Лигата на шампиони. „Црвено-црните“ тоа го покажаа со победата во првото коло од елитната ракометна лига и тоа на гости кај актуелниот европски првак Монпелје (27:24).
Иако летово од Вардар си заминаа неколку ѕвезди кои беа дел од тимот во изминативе сезони, македонскиот првак покажа дека ја нема загубено силата. Вардар одигра блескаво на теренот на Монпелје. Уште од првата минута избраниците на тренерот Парондо покажаа дека не се плашат од силата на европскиот првак.
Во текот на целото прво полувреме, двете екипи се менуваа во водство, за да во последните секунди Чупиќ со гол од пенал донесе водство на Вардар од 12:11. Нашиот првак започна одлично во второто полувреме и поведе со 14:11. Предноста од три гола „црвено-црните“ ја чуваа се до 40 минута (18:15).
Тогаш следуваа две исклучувања за Вардар и во тие четири минути, Монпелје со серија од 4:0 стигна до првото водство во вториот дел (19:18). Тоа не ги збуни играчите на Вардар, па многу брзо ја вратија предноста 20:19 и до крајот не застанаа. Во 55 минута Вардар поведе со 25:22 и покажа дека победнички ќе си замине од гостувањето кај европскиот првак.
Вуко Борозан со 8 голови беше најефикасен, а одличен беше и Иван Чупиќ со 6 погодоци без ниту едно промашување. Дејан Милосављев блескаше на голот и имаше 16 одбрани.
Европскиот првак од пред две години го победи актуелниот шампион. Вардар уште еднаш ја покажа силата.