Победата над Ерменија и нерешениот резултат против Грузија беа доволни македонската фудбалска репрезентација да напредува за две позиции на најновата ранг-листа на ФИФА во однос на претходната листа. Сега Македонија е на делба на 66-тото место, заедно со Албанија и Саудиска Арабија со 1.351 поен. Ако се гледаат само европските селекции, Црвено-жолтите се 35-ти на Стариот Континент.
Првото место го држи Белгија, а во Топ-10 се уште Франција, Бразил, Англија, Португалија, Уругвај, Шпанија, Хрватска, Аргентина и Колумбија. Тука скок за две места имаат Португалците за сметка на Хрватска, која назадуваше две позиции.
Нашиот следен противник од полуфиналето на Лигата Д од минатата сезона во Лигата на нации, Косово, со кого играме во Скопје на 8 октомври, се наоѓа на 116-тото место. Македонија има подобар рејтинг и од сите ривали во групата од оваа сезона во Лигата на нациите, Лига Ц. Грузија е 89-та, Ерменија 101-ва, а Естонија 108-ма.