Челзи под лупата на ФИФА – Му се заканува ново трансфер-ембарго

Фудбалскиот клуб Челзи повторно е под истрага од страна на ФИФА. Клубот од Лондон се соочува со големи проблеми откако од „Фудбал ликс“ излегоа нови информации според кои се тврди дека „сините“ купиле 14 малолетни играчи надвор од Англија, што е спротивно од правилата на светската фудбалска куќа.

Најголем акцент се става на трансферот на Бертран Траоре, сегашниот член на Лион, кој во редовите на Челзи пристигнал како шестнаесетгодишен тинејџер. Траоре бил регистриран како фудбалер на Челзи откако станал полнолетен, но, според документите на „Фудбал ликс“, тие го купиле уште пред својот 18-ти роденден, за неговите услуги исплатиле одредена сума, додека тој во неколку наврати настапил за младинскиот тим.

По неколку негирања, клубот од Лондон призна дека со помош на мајката на Траоре го договориле тој ангажман кога тој имал 15 години, што е недозволиво, освен во посебни случаеви. Токму поради ова, на Челзи сега му се заканува ново трансфер-ембарго од две години, поточно четири преодни рокови, што би било голем проблем за екипата која конкурира за врвот во Премиер лигата.

И претходно се соочуваа со вакви проблеми. Челзи во 2009 година доби забрана за купување нови играчи поради нелегално ангажирање на францускиот фудбалер Гаел Какута, кој подоцна не ги докажа своите таленти и незабележливо го напушти „Стемфорд бриџ“.

- Оглас -

Најнови вести