Тиквеш беше на прагот на подвиг и победа против фаворитот Бутел во меч од Суперлигата, но кавадарчани прокоцкаа предност од три гола на полувремето и загубија со 22:25.
Третиот пораз беше очекуван, но неочекувано домаќините му пружија голем отпор на непоразениот тим во Б групата од најквалитетната ракометна лига во Македонија. Водеа со 12:9 по 30 минути игра, но скопјани потврдија дека се поквалитетни и направија комплетен пресврт за максимален ефект од три победи на стартот од новата сезона.
Прилеп беше подобар како гостин против Работнички и славеше со 34:29, а максималниот ефект на гостинските екипи го заокружија младинците на Еурофарм Пелистер со убедлив триумф во Богданци против Младост со 30:22.
Мечевите во А групата не се играат поради случаите со корона-вирус во таборот на Голден арт КЛ7 и ќе продолжат за две седмици.