Челзи денеска треба да го комплетира договорот со Едуар Менди, голманот кој досега беше член на Рен. Менди е репрезентативен чувар на мрежата на Сенегал и има 28 години, а со Челзи треба да потпише петгодишен договор. Трансферот од Рен на „Стемфорд бриџ“ изнесува околу 25 милиони евра.
Навивачите на Челзи се среќни затоа што се најде замена за Кепа Аризабалага. Шпанскиот голман го држи светскиот рекорд откако во Лондон пристигна за 80 милиони евра, но не се прослави со своите одбрани, па тренерот Френк Лампард беше принуден да бара замена.
Ако се гледа статистиката на Менди, тој и не е некој екстра голман. Минатата сезона бранеше на 24 од 28-те меча за Рен и прими 19 погодоци. Девет пати успеа да ја сочува својата мрежа незатресена, а процентот на одбрани му е 76,3 отсто. Тоа значи дека прима гол од секој четврти удар упатен во рамките на неговата мрежа, и тоа во лига која реално е многу послаба од англиската Премиер лига.
Сепак, за Челзи ова треба да биде засилување ако се знае дека Кепа има само 53,5 отсто процент на одбранети удари. Шпанскиот голман беше посочен и како главен виновник за поразот на Челзи во дербито против Ливерпул, откако направи кикс и му „подари“ еден од двата гола на Садио Мане.