Се официјализираа најавите дека португалскиот десен бек Нелсон Семедо ќе го засили Вулверхемптон. Договорот е до јуни 2023 година, со опција за продолжување до 2025.
Семедо, кој досега играше за Барселона, кариерата ја продолжува во Англија, и тоа во тим кој има десетина негови сонародници, дури и резервниот дрес на Волците е речиси ист како дресот на португалската репрезентација.
Семедо има 26 години и има 13 настапи за репрезентацијата на Португалија, а во Вулфс ќе ја држи десната страна, заедно со супербрзиот Адама Траоре, кој сега ќе добие поофанзивни задачи.
„Сакав да играм во Премиер лигата. Одвај чекам да почнам да тренирам и да играм со мојот нов клуб. Вулверхемптон е добар тим кој игра убав фудбал, а тренерот Нуно е многу добар стручњак. Сигурен сум дека многу ќе научам од него. Амбициозен сум, се надевам дека ќе бидеме меѓу првите шест на табелата“, изјави Семедо.