Тренерот на Денвер, Мајкл Мелоун, пред почетокот на финалната серија против Лос Анџелес лејкерс, во шега изјави дека можеби е најдобро противникот да води со 3:1 во победи и воопшто да не се играат првите четири меча. Сега, по четири одиграни средби во Западната конференција на плејофот, токму таква е ситуацијата. Лејкерс води со 3:1 и е на чекор од пласман во големото финале на НБА-лигата.
Во дуелот кој се одигра рано утрово, Лејкерс победи со 114:108 и сега е само на една победа од пласманот во финалето. Во текот на речиси целиот меч, Лејкерс беше во предност и го контролираше резултатот. На моменти разликата изнесуваше и над 10 поени предност.
Ентони Дејвис со 34 поени беше најефикасен кај Лејкерс, додека Леброн Џејмс даде 26 поени, а имаше и девет скока и осум асистенции. Со дабл-дабл учинок заврши и Двајт Хауард, кој имаше 12 поени и 11 скока.
Денвер ја бркаше негативата, стигна до 105:102 на три минути до крајот, но никако не успеа да направи целосен пресврт. Џемал Мари беше убедливо најдобар кај поразениот тим со 32 поени, додека Никола Јокиќ потфрли и заврши со 16 поени и седум скока.
За Денвер ова е третпат во овогодишниот плејоф да губи со 3:1 во победи. Во претходните две серии против Јута и Лос Анџелес клиперс, Денвер направи чудо и победи три по ред и на крајот се радуваше на 4:3 во победи. Сега ќе биде вистинско чудо ако Денвер се извлече и против Лејкерс.
Вечерва се игра петиот меч од финалето на Истокот, каде што Мајами има предност од 3:1 во дуелот со Бостон.