Барселона не сакаше да се коцка и дополнително да го зголеми хаосот што му се случува на трофејниот клуб, па одбиена е понудата на Жорге Мендеш за Ансу Фати вредна 150 милиони евра.
Еден од најпознатите светски фудбалски менаџери имал понуда тешка 125 милиони евра, плус 25 милиони евра во бонуси, објави „Марка“.
Името на клубот што го застапувал Мендеш остана тајна, а се шпекулира дека се работи за Манчестер јунајтед. Барселона и покрај сите глупости што ги направи со скапите трансфери за фудбалери што не играат добро, со хаосот со Меси и заминувањето на Суарес, кое не беше на нивото на клуб од калибарот на гигантот од „Камп Ноу“, одби скапа понуда за својот најголем талент.
Фати има само 17 години и лани дебитираше за Барселона, покажувајќи го раскошниот талент. Има неколку рекорди во дресот на Каталонците и е најмладиот нивни играч што настапил во Лигата на шампионите, најмлад што постигнал два гола на еден меч во дресот на гигантот, најмлад фудбалер во Ла Лига со гол и асистенција на ист натпревар…
Талентот, кој е роден во Гвинеа Бисау веќе дебитираше и за сениорската репрезентација на Шпанија и има одиграно два меча за Црвената фурија.
Ансу има важечки договор со Барселона до 2022 година, но од клубот најавуваат наскоро и преговори за продолжување на истиот со исклучително висока отштета од околу 400 милиони евра.