Заедничката фотографија пред мечот меѓу Наполи и Џенова ќе му остане во убав спомен на Елиф Елмас, кој ја зачини победата на фаворитот од 6:0 со прекрасен гол во 69-тата минута, а Пандев ќе сака што побрзо да го заборави непријатното искуство и тешкиот пораз против тимот за кој настапуваше во минатото.
Наполи го декласира ривалот и најави дека е подготвен за атак на Скудетото, со одличен настап против Џенова. Елмас влезе во игра во 22-рата минута, а добриот настап го круниса со ефектен гол за 5:0.
Пред него прецизни беа Лозано, Зјелински, Мертенс и повторно Лозано, а по Елмас убав гол постигна и Политано.
Ова е еден од најтешките порази на Џенова, екипа за која од 55-тата минута играше капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев.
Во истиот термин од 18 часот Милан ја продолжи серијата победи со триумф против Кротоне од 2:0 на гостински терен. Стрелци беа Франк Кеси од пенал и Брахим Дијас.