Мајами хит ќе биде противникот на Лос Анџелес лејкерс во големото финале од плејофот во НБА-лигата. Жешките ќе бидат во борба за најдобар тим во светот откако утрово со 125:113 славеа над Бостон и со 4:2 во победи потврдија дека се најдобар тим во Источната конференција за оваа сезона.
За Мајами ова ќе биде шесто финале во НБА-историјата, а тимот ќе се бори за четвртиот пехар. Жешките беа на тронот на НБА во 2006, 2012 и 2013 година.
Последниот меч против Бостон беше израмнет речиси до самиот финиш. Во првите три четвртини ниту една од екипите немаше двоцифрена предност, а на шест минути до крајот, Бостон водеше со 100:98. Тогаш Мајами ја покажа силата. Со серија од 21:4, Жешките стигнаа до 119:104 и веќе беше јасно дека Бостон нема да може да се врати во мечот.
Бам Адебајо го одигра најдобриот меч во кариерата и заврши со 32 поени и 14 скока, а Тејлор Херо имаше 11 поени во последната четвртина кога се решаваше победникот. Кај победничкиот тим одличен беше и Џими Батлер со 22 поени.
Првиот меч од големото НБА-финале меѓу ЛА лејкерс и Мајами хит ќе се игра вечерта среда кон четврток.