Антонио де Марко е убиецот на италијанскиот фудбалски судија Даниеле де Сантис (33) и неговата вереница Елеонора Манта, која имаше 30 години. Де Марко, кој има 21 година, е фатен само неколку дена по грозоморното двојно убиство.
Де Сантис беше судија на мечеви во Серија Б и Серија Ц и над 130 пати ја делел правдата во овие две лиги во Италија. Тој и неговата девојка биле убиени во стан во Лече, а соседите тврдеа дека виделе млад дечко како бега од местото на злосторот со ранец и покриено лице.
Полицијата неколку дена истражуваше и на крајот го уапси Де Марко, кој подоцна и го призна двојното убиство. Де Марко, кој е студент, признал дека мотивот за убиствата бил одмазда.
„Вистина е дека одмаздата не ги решава проблемите, но неколку моменти се чувствувате задоволно“, неодамна напишал убиецот на својот фејсбук-профил.
Кој бил мотивот за убиствата? Де Марко претходно живеел во станот во кој ги убил судијата и девојката. Тој бил цимер со Елеонора, кога Даниеле решил да го исфрли 21-годишното момче и тој да се всели во станот каде што била неговата девојка. За овој потег на Де Сантис, Антонио де Марко решил да се одмазди на најбрутален начин.