Вилјареал брзо се рехабилитираше по катастрофата од Барселона и со победа од 3:1 против Алавес се врати на делба на првото место во Ла Лига.
Жолтата подморница потона на „Камп ноу“ во минатото коло и загуби убедливо со 4:0, но вечерва се извади со сигурна победа против тимот од Баскија.
Домаќините славеа победа со двата гола на Пако Алкасер и еден на Џерард Морено, а стрелците го покрија големиот кикс на голманот Серхио Асенхо.
Голманот на Вилјареал во 37-мата минута се обиде да игра со глава надвор од шеснаесетникот, се прецени и топката го прескокна, а Мендес лесно казни за почесен гол за гостите.
Атлетико Мадрид изненадувачки ремизираше без голови на гостински терен во Арагон кај Уеска. Атомскиот напад што ѝ даде шест гола на Гранада, викендов не беше расположен.
Луис Суарес за првпат беше стартер кај Атлетико, но не успеа да ја повтори претставата против Гранада, кога беше стрелец на два гола и имаше една асистенција. Беше заменет со Диего Коста, но и шпанскиот репрезентативец не погоди, па гостите не ја прокнижија очекуваната победа.