Наполи има проблем, Зјелински е позитивен на ковид-19

Наполи сепак има проблем со корона-вирусот по мечот со Џенова и на второто тестирање излезе дека Пјотр Зјелински е позитивен на ковид-19.

Офанзивецот на Наполи ќе мора во карантин, а има уште еден член на клубот што има позитивен тест. Ова доаѓа по мечот со Џенова, на кој Наполитанците славеа убедливо со 6:0, но потоа беше објавено дека вкупно 14 луѓе, меѓу нив и 11-мина фудбалери на гостите, се позитивни на ковид-19.

За среќа, меѓу нив не е Горан Пандев, а кај Наполи од проблем и карантин куртули и Елиф Елмас, па двајцата би требало да допатуваат во Скопје за мечот со Косово на 8 октомври.

Македонија ќе игра полуфинале во Сегментот Д од минатиот циклус на натпревари во Лигата на нациите, а во нокаут-меч ќе му биде домаќин на Косово за пласман во финалето и меч за настап на ЕП против победникот од дуелот Грузија – Белорусија, што ќе се игра исто така на 8 октомври.

Шампионот во Сегментот Д ќе игра на континенталниот шампионат што требаше да се одржи годинава, но поради пандемијата е пролонгиран за 2021 година.

- Оглас -

Најнови вести