Осман Дембеле одби да замине во Манчестер јунајтед, па Барселона остана без планираното засилување Мемфис Депај откако го информира Лион дека нема пари за да го купи Холанѓанецот.
Беше планирано Дембеле, за кого Барселона ѝ плати на Борусија Дортмунд 105 милиони евра во 2017 година, плус се обврза на бонуси од 40 милиони евра, да замине во Манчестер јунајтед, но играчот одби да си замине.
Условот на Барселона беше Дембеле да го продолжи договорот до 2023 година, па да замине на „Олд Трафорд“ како позајмен играч, варијанта што не му одговараше на 23-годишниот напаѓач.
Барселона со тоа остана без пари за да го купи Депај, а раководството на клубот доживеа уште еден дебакл денеска, на последниот ден за трансфери во Шпанија што трае до полноќ.
Летоска Каталонците долго одбиваа да ѝ го продадат Рафиња на Селта Виго, а ривалот од Ла Лига нудеше отштета од 8 милиони евра. Рафиња играше за Селта како позајмен играч, па се врати на „Камп ноу“ и за него Барселона бараше фиксно 16 милиони евра отштета.
И планот им пропадна откако никој не нудеше толку пари, а Рафиња воопшто не игра кај Роналд Куман, па во последните часови од преодниот рок играчот замина во Пари Сен Жермен само за три милиони евра, и тоа како бонуси и 35 отсто за Барса од следниот трансфер.
Сценарио што е катастрофално за шпанскиот гигант, кој претходно утна и со трансферите на Луис Суарес, Иван Ракитиќ и Артуро Видал.
Суарес замина бесплатно во Атлетико Мадрид, со клаузула за бонуси од шест милиони евра. Барса летово ѝ го продаде и Ракитиќ на Севилја само за 1,5 милиони евра и предвидени бонуси од 8 милиони евра, а и Видал замина во Интер само за 500 илјади евра.