Фаворити сме против Косово – Стоп за скок-играта на Нухиу и притисок на новиот тандем стопери е рецептот за финале

На Македонија ќе ѝ недостасува Елиф Елмас вечерва против Косово, но нашата репрезентација има одлична позиција за да го продолжи патот кон Европското првенство што ќе се игра следната година, а за тоа ни треба победа од 20.45 часот во Скопје.

Елмас не игра поради случајот со позитивен тест на ковид-19, иако на најновото тестирање е негативен, па ќе мора и без него да атакуваме на победа на Националната арена „Тодор Проески“.

Проблемите на гостите сепак се многу поголеми, и тоа на клучните позиции. Не им игра капитенот Амир Рахмани, па принудно на негово место, стопер во тандем со Фидан Алити ќе игра Ибрахим Дрешевиќ.

На почетокот на сезоната Дрешевиќ малку игра за својот клуб Херенвен, а иако природна позиција му е стопер, најчесто за Косово игра како дефанзивен играч за врска. Промената на стоперскиот тандем е голема предност за Македонија, бидејќи промена за клучен меч на виталната последна линија во одбраната е голем хендикеп за секоја репрезентација.

Селекторот на Косово, Бернард Шаланде, ќе мора да комбинира и во нападот, кој е драстично ослабен и многу послаб без главните ведети на Косово, Ведат Муриќи и Милот Рашица.

Муриќи во финишот на преодниот рок потпиша за Лацио за сума од 17 милиони евра, што е рекорд за фудбалер од Косово. Тој е највредниот играч на нашите денешни гости и најопасен напаѓач на Косово, но нема да игра поради повреда. Ведат е лидерот на оваа генерација репрезентативци на Косово и со него, односно без него Косово е сосема различна селекција.

Рашица е третиот најскап фудбалер на Косово, проценката е дека може да направи трансфер вреден од 7-10 милиони евра, а стандардно игра за Вердер во силната Бундеслига. И тој е повреден и нема да истрча од 20.45 часот на Националната арена „Тодор Проески“, што е трет голем хендикеп за гостите.

Прв напаѓач на Косово ќе им биде Адте Нухиу, робусен центарфор што одлично игра со глава и е силен во скок-дуелите, но многу послаб со техника и од Муриќи и од Рашица.

Висар Муслиу ќе биде задолжен да ја спречи доминацијата на шпицот на АПОЕЛ во воздухот и скок-играта и да им ја спушта топката на соиграчите во опасната зона пред голот на Македонија. Нашиот стопер има квалитет да го стори тоа и потполно да го неутрализира Нухиу пред голот на Столе Димитриевски.

Косово има два одлични бека, Војвода десно и Кололји на спротивната страна и на нив треба особено да се внимава. Играчот на Цирих, Кололји, е сличен профил на играч како и нашиот Езџан Алиоски, знае и да дава голови и да игра како крило, а податокот дека има двоцифрен број голови за Цирих и претходно за Лозана, потврдува дека знае одлично да игра и во офанзива.

Војвода го потврди квалитетот со трансфер во Серија А, во Торино од редовите на Стандард Лиеж, и тој заедно со капитенот Валон Бериша се лидерите во овој состав што го има на располагање Шаланде за вечерва.

Бериша е познат по настапите за Салцбург и Лацио, а сега игра за францускиот Ремс. Тој ќе им биде капитен на гостите, но е речиси безопасен во нападот, со улога да ја растура играта на противниците.

Берсант Челина е интересен играч, има само 24 години и може да биде и полушпиц и десно крило и на него треба да се внимава. Особено да не му се дозволи да искористи некој „отпадок“ од дуелите во скок-играта на Нухиу.

Арбер Зенели ќе игра на спротивната страна, но и тој игра променливо на стартот од новата сезона за Ремс, па Ристовски со помош од соиграчите може да ги спречи неговите продори по левата страна.

Македонија според моментната ситуација и фудбалерите што ги има на располагање, е фаворит со одлична шанса да победи и да игра финале против Грузија или Белорусија на 12 ноември, на гостински терен.

Можни состави:

Македонија (4-2-3-1)

Димитриевски – Ристовски, Велковски, Муслиу, Ристевски – Спировски, Адеми – Пандев, Барди, Алиоски – Тричковски (Несторовски).

Косово (4-2-1-3)

Муриќ – Војвода, Дрешевиќ, Алити, Кололји – Лошај (Шала), Бериша – Челина – Хардеѓонај, Нухиу, Зенели.  

 

 

- Оглас -

Најнови вести