Речиси по еден месец пауза, ракометарите на Вардар ќе одиграат меч од групната фаза во Лигата на шампионите. На гости во салата „Јане Сандански“ доаѓа германскиот Фленсбург.
Противникот е во одлична форма и победи во сите три средби досега од групната фаза. Вардарци одиграа само еден меч, тој на гости кај Мешков Брест, кога загубија со 24:22. Следните две средби на Вардарци беа одложени поради проблеми со корона-вирусот.
Тренерот Стевче Алушовски знае дека Фленсбург е квалитетен ривал, но најави дека Црвено-црните никако нема предвреме да се предадат.
„Прв натпревар за нас на домашен терен сезонава во ЛШ. Знаете дека еден месец не сме играле. Секако дека Фленсбург во овој меч е во предност затоа што е во натпреварувачки ритам. Ние добро тренираме и одигравме два пријателски натпревари. Она што очекувам е машка, борбена игра. Добро ги анализиравме, не сме без шанси и покрај тоа што тие го победија ПСЖ на гости. Многу е битно нашите играчи да бидат подобри од последното издание во Мешков. Мислам дека имаме шанси на крај да се радуваме затоа што реално и тие имаат проблеми со повредени играчи. Сепак, на овој меч тие имаат мала предност, но тоа не значи дека ние нема да направиме сè за да излеземе како победници“, оптимистички најавува тренерот Алушевски.