Јувентус не се откажува: Старата дама повторно си ги бара двете одземени титули

Јувентус девет години по ред доминира во италијанската Серија А и е неприкосновен. Најтрофејниот италијански клуб сезонава ќе се обиде да заокружи една декада од доминацијата. Иако е недостижен по бројот на трофеи, Јувентус не сака да се откаже и од двете титули кои ги загуби по службен пат.

Поради аферата Калчополи и наместените мечеви, на Јувентус му беа одземени трофеите од 2005 и 2006 година. За 2005 година не беше прогласен шампион, додека следната сезона титулата му беше доделена на Интер. И по повеќе од една деценија, Јувентус не се откажува од тоа да ги врати двата трофеи во своите витрини.

„Во изминативе години презедовме многу работи за да го заштитиме клубот. Чекаме одговор на жалбата која неодамна ја поднесовме до надлежните органи и клубот ќе направи сè за да ги врати трофеите“, стои во соопштението на Јувентус.

Во ноември минатата година беше одбиена првата жалба на Старата дама, а ист беше и исходот и по жалбата до Државниот суд. Официјално Јувентус е рекордер со 36 титули, двојно повеќе од тоа што имаат Милан и Интер (по 18 трофеи), кои се на второто и третото место на вечната листа.

 

- Оглас -

Најнови вести