Тројца француски репрезентативци се поскапи од целата хрватска репрезентација, како интересен податок објави „Трансфермаркет“ пред големото дерби во Сегментот А од Лигата на нациите што ќе се игра вечерва во Загреб.
Килијан Мбапе, Пол Погба и Антоан Гриезман со вкупно проценета вредност од 380 милиони евра се поскапи од комплетната фудбалска експедиција на Хрватите, кои тежат околу 320 милиони евра.
Проценката на „Трансфермаркет“ е дека Мбапе вреди 180 милиони евра, а Погба и Гриезман по 100 милиони евра. Најскапо проценет репрезентативец на Хрватска е Марсело Брозовиќ со 50 милиони евра.
Франција вкупно како репрезентација е проценета дека има играчи што заедно вредат една милијарда и 230 милиони евра, а Хрватите тежат заедно околу 320 милиони евра.
Двете селекции играа меѓу себе во последното мундијалско финале во Русија, а Франција ја освои светската круна со победа од 4:2. Ист беше резултатот и на мечот од изданието во Лигата на нациите игран на 8 септември во Париз.
Франција и Португалија во третата група од Сегментот А имаат по 7 бода во битката за првото место и настап на финалниот турнир за титулата, а Хрватска е зад нив со 3 бода. Шведска е последна во групата без ниту еден бод.