Хјустон рокитс и Кармело Ентони ја раскинаа соработката само по 10 одиграни натпревари на ветеранот за франшизата од Тексас. Тренерот Д‘Aнтони повеќе не смета на неговите услуги, а доколку Ентони сака да заигра за нова екипа, ќе мора да чека до 15-ти декември за да биде трејдуван или, пак, да се откаже од платата од 2,4 милиони долари и да го раскине договорот.
Според правилата на НБА, играч кој пристигнал во еден тим како слободен агент не може да биде сменет со друг кошаркар пред споменатиот датум.
„По долги разговори и детално разгледување на сите опции пред конечната одлука, разјаснивме дека е најдобро да ја прекинеме соработката со Ентони и да побараме друго решение. Ентони ја прифати секоја улога во тимот дадена од неговиот тренер и на почетокот добро му одеше, но, вклопувањето во тимот не помина како што се очекуваше, па токму затоа најдобра опција беше да се прекине соработката“, истакна генералниот менаџер на „ракетите“, Дерил Мори.
Триесет и четиригодишниот крилен играч го напушти тимот уште минатиот петок, откако му беше соопштено дека не е во плановите на Мајк Д‘Антони. Летово пристигна како слободен агент, потпишувајќи ветерански договор од 2,4 милиони долари по една сезона помината во дресот на Оклахома.