Македонската репрезентација покажа силен карактер и избегна пораз во последните моменти против Грузија, во ситуација кога имавме негатива од 0:1 и играч помалку на теренот.
Спасот стигна по досудениот пенал во 93-тата минута, по прекршокот над Ѓоко Зајков. Езџан Алиоски беше сигурен, а Македонија и Грузија повторно ремизираа 1:1 и во вториот меч за малку повеќе од еден месец.
Еден момент на невнимание на голманот Столе Димитриевски, кој доби црвен картон во 68-мата минута, и голот на резервата Квича Кваратшкелија седум минути подоцна ја донесоа Грузија пред портите на победата против Македонија.
Сепак, израмнивме во самиот финиш и имаме пол-позиција за првото место во втората група од Сегментот Ц во Лигата на нациите.
Димитриевски во 68-мата минута играше со рака надвор од шеснаесетникот и веднаш беше исклучен, а за да биде уште полошо за Македонија, Кварташкелија само што влезе во игра, погоди за победа на гостите.
Сега следува последниот меч од трилогијата меѓу Грузија и Македонија на 12 ноември, историски за двете репрезентации за пласман на Европското првенство идната година.
Тој меч е најважен од трилогијата дуели на двете селекции во рок од два месеци. Ќе одлучува за прв настап на една од двете селекции на големо натпреварување.
Вечерва во Скопје претпремиерата беше скромна, со малку шанси и по еден гол на двете страни. Шансите на Македонија за првото место во групата од Сегментот Ц остануваат бидејќи имаме по 6 бода со Грузија и ист меѓусебен скор. Ерменија со 5 бода е трета во трилингот на репрезентации што на две кола до крајот ќе се борат за преселба во повисок ранг, во Сегментот Б од Лигата на Нации.
Сепак, најважен е мечот за неполн месец во Тбилиси и евентуална победа на Македонија во главниот град на Грузија, ќе ни обезбеди настап на ЕП во група со Холандија, Украина и Австрија.