Најголемото репрезентативно јужноамериканско дерби, дуелот меѓу Бразил и Аргентина, секогаш предизвикува голем интерес не само на тој континент туку и во целиот свет, па затоа и мало изненадување претставува одлуката на Бразилците мечот со Гаучосите од квалификациите за СП 2022 да го играат во град кој има само 110.000 жители.
Објавено е дека дербито во кое силите ќе си ги одмерат двете селекции кои со по две победи тргнаа во квалификациите, на 31 март 2021 ќе се игра на „Пернамбуко арената“ во Сао Лоуренсо да Мата. Ова место е во близина на Ресифе и треба да се каже дека на овој стадион со 44.000 седишта се играа мечеви и од Мундијалот во 2014 година.
Првично се најавуваше дека Аргентина ќе биде пречекана во Сао Пауло, на стадионот на Коринтијанс.
Засега не се знае дали дуелот на Нејмар против Меси ќе се игра со публика или пред празни трибини. Кариоките на овој стадион во близина на Ресифе играа и во 2016 година против Уругвај, кога ремизираа 2-2.