Тренер на Вардар Стевче Алушовски вели дека Порто добро ја проучил играта на македонскиот првак и дека во еден интересен меч, на крајот гостите можеби и заслужено стигнаа до бод. Вардар и Порто одиграа 25:25 во „Јане Сандански“ во меч од групната фаза од ракометната Лига на шампиони.
„Честитки на Порто. Знаевме дека ќе играат 7 на 6 и дека ќе биде тешко. На крајот немавме среќа да се радуваме, но може да се каже дека Порто заслужено освои бод. Голем хендикеп за нас беше неиграњето на Дисингер. Во одбраната одигравме коректно, но имавме проблем со играта во напад. Освен Вујин немавме играч што може да шутне од надвор. Успеавме да се вратиме од еден изгубен меч и освоивме важен бод за нас“, рече тренерот на Вардар по денешниот меч.
Марко Вујин беше вардаровиот адут од бековската позиција.
„Имавме проблеми со нападот, кои се надевам ќе ги корегираме за следните мечеви. Не одигравме на потребното ниво и мислам дека резултатот е реален. Да не заборавиме дека Порто е добар тим и затоа на крајот може да бидеме задоволни што освоивме бод“, рече Вујин.