Екипата на Еурофарм Пелистер со пораз од 29-30 на гостувањето кај ГОГ Гудме ја отвори сезоната во Европската ракометна лига. Ова беше многу изедначен меч на кој најголемата предност на домашните и на гостите беше само два гола разлика.
Пелистерци водеа во најголем дел од второто полувреме, имаа и 29-27, но последните три гола на натпреварот ги постигнаа домашните, па ГОГ со таа низа од 3-0 направи пресврт и дојде до минимална победа.
Стипе Мандалиниќ со 11 и Томислав Кушан со 8 гола беа убедливо најрасположени во македонскиот тим, а трет стрелец беше Бојан Маџовски со три погодоци. Се истакна и голманот Благојче Трајковски со 11 одбрани. Кај ГОГ, головите беа малку подобро распоредени, имаа петмина играчи со 5 или повеќе голови.