Барса последната титула во ЛШ ја освои токму против Старата дама, стрелците од тоа финале веќе не се во клубот (видео)

Дербито на второто коло во Лигата на шампионите ќе се одигра во Торино. Италијанскиот првак Јувентус ја пречекува Барселона на „Алијанц стадионот“, спектакл кој со нетрпение се очекуваше бидејќи требаше да гледаме дуел меѓу Кристијано Роналдо и Лионел Меси, несомнено двајцата најдобри фудбалери во изминативе 15 години.

Сепак, Роналдо нема да се појави на теренот бидејќи и вчерашниот тест за ковид-19 му беше позитивен. Бјанконерите се дополнително ослабени во одбраната, недостасуваат клучните Кјелини и Де Лихт, додека до последен момент ќе се чека дали Бонучи ќе собере сили да игра. Што се однесува до Каталонците, тие во Торино допатуваа без Кутињо, Пике не игра поради суспензија, Тер Штеген и Умтити уште се во аут поради повреди.

Како и да е, се надеваме на пресметка исполнета со атракции и со погодоци, како што беше во финалето во 2015 година, кое Барселона го доби со 3-1 против Јувентус. Головите за Каталонците во последната освоена европска титула ги постигнаа Ракитиќ, Суарес и Нејмар, а ниту еден од нив повеќе не е дел од составот на шпанскиот вицепрвак.

Нејмар веќе неколку сезони е во ПСЖ откако неговиот трансфер стана најскап во историјата за сума од 222 милиони евра, додека Суарес и Ракитиќ изминатово лето го напуштија „Камп ноу“, но останаа во Шпанија, во редовите на Атлетико Мадрид, односно Севилја.

Интересно е што стрелецот на единствениот гол за Јувентус беше Алваро Мората, кој се врати во тимот по неуспешните авантури во Реал и Атлетико Мадрид, како и Челзи. На Андреа Пирло му беше последен меч во дресот на Бјанконерите, а вечерва од клупа како тренер ќе бара реванш против Каталонците.

Секако, тоа финале не е последен дуел на двата гиганти. Две години по финалето, Барса и Јуве се бореа за пласман во полуфиналето од ЛШ, а италијанскиот првак го доби двомечот со 3-0 на домашен терен и реми без голови на гости. Една сезона подоцна, групната фаза повторно ги спои, а овојпат Барселона славеше дома со идентични 3-0, во Торино немаше голови.

Барса инаку ќе атакува на прва победа во петтото гостување кај Старата дама, а во мечот ќе влезе со учинок од три ремија и пораз. Повеќе детали околу коефициентите во Sport Life за големото дерби можете да најдете во денешното издание на Типстерски совети.

 

- Оглас -

Најнови вести