Поради двајца позитивни ракометари на корона-вирус, целиот тим на Вардар 1961 замина во изолација и поради тоа можеби македонската репрезентација ќе биде многу ослабена на претстојните натпревари со Финска и Швајцарија.
Крилото Иван Чупиќ, кој требаше да се врати во хрватската селекција, им откажа иако не е позитивен на ковид-19. Тој поради самоизолацијата нема шанса да му се придружи на националниот тим, а ако истите правила важат и за останатите, тогаш и македонската репрезентација ќе биде хендикепирана. Од Вардар 1961 има дури осуммина репрезентативци (Ристовски, Кизиќ, Димитриоски, Георгиевски, Стоилов, Талески, Мишевски и Јагуриновски), дел од нив многу важни за црвено-жолтиот тим.
Избраниците на селекторот Данило Брестовац викендов ќе се тестираат, по што ќе се знае на кого може да смета, а првиот официјален собир ќе биде на 2 ноември. Првиот квалификациски натпревар сениорите ќе го одиграат на 4 ноември против Финска, а потоа гостуваме кај Швајцарија на 7 ноември.