Химки ја прекина црната серија од пет порази во низа во Евролигата со тешко остварен триумф против Црвена ѕвезда со 83:77 во шестото коло. Составот на Куртијанитис иако има најлош учинок откако почна новата сезона, на домашен терен е непобедлив против белградските Црвено-бели, кои пак не можеа да врзат две победи по драмата со актуелниот првак ЦСКА Москва.
Гостите ја имаа контролата врз резултатот сè до средината од вториот период, по што се разиграа Швед и Мики, па така Химки на паузата замина со +4. Ѕвезда пружи отпор и со мини-серија од 5-0 поведе при резултат 53:48, но Химки ја освои четвртината и во последните 10 минути оствари двоцифрена предност.
Победа со шест поени предност беше доволна за Химки првпат да се израдува сезонава во Евролигата. Екипата ја предводеше Меколум со 23 поени, Швед застана на 15 со дабл-дабл од 12 асистенции.