Властите во Португалија најавија можна одлука за мирување на спортските настани во ноември, ако пандемијата со Ковид-19 не стивне, што го загрозува и одржувањето на финалната трка во Мото ГП за оваа сезона.
Финишот треба да биде од 20. до 22. ноември со последната трка на најдобрите мотоциклисти во Портимао, за Големата награда на Португалија.
Во последно време и во Португалија расте бројката со заразени луѓе со корона-вирус што е лош знак за спортските натпревари.
Иако во Мото ГП се превземаат сите мерки за заштита, ќе се организираат вообичаените тестирања пред трката, а сите учесници ќе допатуваат со чартер летови од Валенсија, сепак одржувањето и организацијата на финалната трка во Портимао засега е во опасност да не се одржи во Португалија.
Претходно на 8. и на 15. ноември ќе се возат две трки во Валенсија, а потоа според планот треба да следи големото финале во Португалија.
На три трки до крајот на сезоната Жоан Мир е лидер со 137 поени и е пред првата титула во кариерата. Шанса за шампионската круна имаат и Фабио Квартараро со 123 поени, Маверик Вињалес со 118, Франко Морбидели со 112, Андреа Довициозо со 109 и Алекс Ринс со 105 поени.
За победа во Мото ГП се добиваат 25 поени, па трката за титулата се уште не е решена.