Шампионатот во МотоГП оваа сезона завршува со победа на Андреа Довициозо во Валенсија. Италијанецот ја оствари четвртата овосезонска победа. Историја испиша и Пол Еспагаро, возачот на КТМ, кој е првиот возач на овој тим кој успеал да се искачи на подиумот. Еспагаро заврши како трет најбрз, додека на втората позиција заврши Алекс Ринс, возачот на Сузуки.
Актуелниот шампион, Марк Маркез, стартуваше од петтата позиција, но не ја заврши трката откако излета од патеката во шестиот круг. Временските неповолности доведоа до откажување на уште осум други возачи.
Валентино Роси стартуваше од третото место, но трката ја заврши како тринаесто пласиран, откако во последните четири круга излета од патеката, но продолжи да вози.
За Дани Педроса ова беше последна МотоГП трка во неговата кариера.