Голманот на Ѕвезда откри дека му нуделе куфер со пари за да ги „шитне“ против Марсеј

Славниот голман на Црвена ѕвезда, Стеван Стојановиќ, откри дека пред финалето од Купот на европските шампиони против Марсеј во 1991 година, му бил нуде куфер со пари за да „попушти“ и Ѕвезда да го загуби историскиот меч на „Сан Никола“ во Бари.

„Сакаа да го купат натпреварот и ми се намерачија на мене. Знаеја дека голманот е последната пречка. Ми се јавија, ми рекоа дека имаат нешто за мене. Мислев дека ме викаат за да ми кажат дека некој клуб се интересира за мене, бидејќи имав дозвола после сезоната да си одам од Црвена ѕвезда. Заминав во хотелот Интерконтинентал, Просинечки беше со мене, пиевме кафе, а потоа отидов со луѓето во соба и ми покажаа куфер со пари. Имаше многу пари, но не потклекнав. Тоа беа наши луѓе, но платени од Французите. Не се налутија што ги одбив. Ми рекоа дека не мора да ги земам парите, но дека тие ќе им кажеле на Французите дека сум ги земал,и дека целата работа ќе заврши во медиумите. Ми рекоа дека како и да заврши мечот, јас ќе бидам виновен. Никогаш повеќе не ги видов тие луѓе“ – раскажува Стојановиќ.

Стојановиќ беше капитен на тој тим на Ѕвезда, а во пенал серијата му одбрани пенал на Аморос, што се покажа како еден од двата клучни моменти, заедно со голот на Дарко Панчев во петтата серија.

Проблемот за Стојановиќ бил што муабетот дека го „шитнал“ мечот се проширил во соблекувалната.

„Едвај чекав да заврши мечот, а после пеналите, конечно докажав дека образот ми е чист. Пеналите ми беа како релаксација, бев сигурен дека ќе одбранам барем еден. Ова е добра и поучна приказна за младите генерации“ – додава голманот на тимот на Ѕвезда кој стана европски првак, подвиг кој тешко дека ќе го повтори некој тим од балканските простори.

- Оглас -

Најнови вести