Несторовски пристигна, се чекаат Пандев и Елмас – Македонија се екипира и со радост го чека дуелот во Тбилиси (Фотогалерија)

Македонија полеска, но сигурно се екипира пред историскиот дуел со Грузија на 12 ноември во Тбилиси, што може да не одведе на Европското првенство идната година.

Во Скопје веќе пристигна Илија Несторовски, првиот од трилингот фудбалери што играат во Серија А, а се очекува наскоро да се приклучат и капитенот Горан Пандев и Елиф Елмас.

Поголемиот дел од репрезентативците што се на списокот на селекторот Игор Ангеловски веќе се во Скопје, сите во одлично расположение го очекуваат клучниот меч за прв настап на големо натпреварување.

Утре, според распоредот, ќе биде завршното тестирање за ковид-19, а во среда наутро се патува за Тбилиси, за мечот што ќе се игра во четврток од 18 часот.

Победникот од тој дуел ќе биде дебитант на ЕП, а веќе е познато и дека на континенталниот собир Македонија, или Грузија ќе играат во група со Австрија, Украина и Холандија. Првите два меча, според актуелниот распоред, се во Букурешт против Австријците и Украинците, а завршниот меч во групата ќе се игра против Холандија во Амстердам.

 

- Оглас -

Најнови вести