Барди одбележа „еден век“ во Леванте и со Македонија го чека мини јубилеј

Штета е што Енис Барди не го прослави 100-тиот јубилеен настап за Леванте во Ла Лига со победа, неговата екипа вчера ремизираше на домашен терен при конечни 1-1 против Алавес.

Сепак, нашиот репрезентативец сигурно е горд што одбележа цел век во дресот на шпанскиот прволигаш, каде што е високо ценет и е еден од клучните играчи на екипата.

Барди месецов може да оствари мини јубилеј и со македонската репрезентација. Националниот тим на Игор Ангеловски покрај клучниот меч против Грузија за пласман на ЕП, треба да одигра уште два натпревари во Лигата на нациите од новата сезона. Доколку Барди запише минутажа на сите три средби, ќе стигне до 30 настапи за репрезентацијата.

Нема сомнежи дека ќе игра против Грузија, неговата креативност и тоа како е потребна за Македонија да го оствари историскиот пласман, а ќе се види дали Ангеловски ќе го поштеди во една од двете средби против Естонија на 15 и Арменија на 18 ноември.

Инаку, 25-годишниот играч за врска досега во 27 настапи запиша пет погодоци и две асистенции за Македонија. Последниот наместен гол беше најважниот за нас, кога против Косово му асистираше на Велковски за победата од 2-1.

- Оглас -

Најнови вести