Франција се подготвува за двата клучни натпревари во Лигата на нациите против Португалија на гости и Шведска на свој терен. Галските петли имаат 10 бода и се на делба на првото место со Португалија, па токму меѓусебниот дуел може да биде решавачки за тоа која селекција ќе биде на врвот од групата на крајот од Лигата на нациите.
Селекторот Дидие Дешамп потенцираше дека еден од клучните играчи Пол Погба не е задоволен од тоа како му се одвива кариерата во Манчестер јунајтед.
„Добро го познавам Пол. Не е задоволен ниту со минутажата што ја добива, ниту со позицијата на којашто игра. Ова не е најдобар период за него. Имаше серија повреди, а потоа имаше и корона-вирус. Му се насобраа многу работи и тоа многу го погоди. Ќе мора да го пронајде вистинскиот ритам“, вели Дешамп, кој додаде дека Погба е многу среќен кога ќе заигра за националниот тим на Франција.
Погба има договор со Манчестер јунајтед до јуни 2022 година, но не се прославува во дресот на Црвените ѓаволи. Постојано има шпекулации за негово заминување од „Олд Трафорд“, а прва опција е Реал Мадрид.