Пандев: Жена ми и децата ми рекоа без Европско да не се враќам кај нив во Италија!

Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев, е многу ценет кај љубителите на фудбалот во Грузија, па иако им го уништи сонот дека може да играат на Европско првенство, многумина присутни на аеродромот во Тбилиси сакаа да се фотографираат со стрелецот на голот кој ја крена Македонија на нозе.

Пандев вели дека е пресреќен што е исполнет сонот на многу генерации.

„Многу сакавме да играме на тоа ЕП, ни фалеше тоа, мене на 38 години ми се исполни желбата. Верував во овие момци. Пред пет години со селекторот отворено зборувавме што и како, дека ни треба микс од младост и искуство. Успехот им го посветувам на моето семејство, тие ми се најголема инспирација. Кога ме испратија, жена ми и децата ми рекоа без Европско да не се вратам кај нив во Италија. Најсреќен сум, уште не верувам дека го остваривме сонот, за некој ден ќе сфатиме што сме направиле. Вербата во Господ се враќа. Долги години се мачевме, сега треба да се радуваме“ – вели Пандев.

Стрелецот на златниот гол кој ќе остане запишан во историјата на македонскиот фудбал, вели дека оваа селекција е составена од квалитетни фудбалери, но и прекрасни луѓе.

„Пред да излеземе на терен им кажав на момците дека како и да се заврши, горд сум што запознав вакви момци, вакви лидери, за нивните фудбалски квалитети да не зборувам, и дека ќе останеме пријатели цел живот. Бевме под стрес во првото полувреме, а потоа се ослободивме, можевме да дадеме уште некој гол во второто. Во второ полувреме одигравме можеби најдобро од сите натпревари, и да победевме 3-0 ќе беше заслужено“ – заклучува Пандев.

- Оглас -

Најнови вести