Македонија синоќа испиша фудбалска историја. За првпат изборивме пласман на едно големо натпреварување. Ќе бидеме дел од Европското првенство следното лето. Победата над Грузија и голот на Горан Пандев вечно ќе се памтат како момент кој донесе огромна радост кај сите фудбалски љубители.
Ако досега бевме навикнати да навиваме за туѓи репрезентации, најчесто за некој од соседите, овојпат тие ќе имаат можност да навиваат за нас. Македонија е единствена земја од регионов што успеа да се пласира на ЕП. Ниту, Србија, ниту Бугарија, Албанија, Грција, ниту Косово нема да биде дел од завршницата, само Македонија!
Од селекциите кои ќе бидат дел од ЕП, најблиску до нас по географски план се Хрватска и Турција. Според картата на Европа и земјите кои ќе играат на континенталниот собир, во шега е коментарот дека македонските фудбалери едноставно ги почитуваат препораките за држење дистанца, па од регионот само ние ќе бидеме дел на големото фубдалско натпреварување.