Сме играле против сите селекции од група Ц, Гранде Пандев знае како се погодува против Лалињата

Македонија на Европско првенство во фудбал! Звучни прекрасно, за првпат во нашата историја се изговараат овие зборови, благодарение на Гранде Пандев и компанија, благодарение на селекторот Игор Ангеловски, следното лето ќе уживаме гледајќи ги како ја преставуваат нашата земја на континенталниот собир.

Холандија, Австрија и Украина нè чекаа да им се приклучиме во групата Ц, селекции против кои во минатото сме ги одмериле силите. Распоредот на натпреварите веќе е познат, на 13 јуни играме против Австрија, на 18 јуни против Украина, за шлагот на тортата да биде дуелот против големата Холандија. Останува да се види дали останува истиот формат по кој ќе се одржува Европското првенство, првите два меча ни се предвидени да се одржат во Букурешт, а против „Лалињата“ на легендарната „Јохан Кројф арена“ во Амстердам.

Против сите имаме негативен биланс, што е апсолутно неважно во овие моменти и ниту една статистика не ја скратува радоста која ни ја донесоа нашите херои. Според квалитетот на противниците, до одреден степен ние мило што Македонија ќе може уште еднаш да докаже дека е фудбалска нација, предводена од играчи за големи нешта.

Репрезентацијата на Австрија е тазе познат противник. Во последните квалификации за ЕП Македонија на двапати претрпе пораз од 2-1 во Виена и 1-4 во Скопје. Австријците неспорно ќе се борат за пласман во нокаут фазата, но иако двата порази за нив се гаранција, овојпат нема лесно да поминат.

На арената „Тодор Проески“, во период кога навивачи беа дозволени на трибините, Македонија се радуваше при водство за 1-0 со автоголот на Хинтерегер, но гостите подоцна приредија разучарување за нас со четири гола во мрежата на Рисовите. Младиот Влатко Стојановски беше режисер на почесниот погодок во Виена, во моменти кога Австрија ја имаше осигурано победата.

Од четирите средби против Украина, Македонија има издвоено една победа, во контролка која се одигра на 31 март 2004 година, а ја реши Горан Ставревски за конечни 1-0 на сегашната арена „Тодор Проески“. Вториот пријателски меч, односно прв воопшто против Украинците, заврши со реми без голови, додека поразите од 0-1 и 0-2 се во рамки од евроквалификациите во 2014 и 2015 година.

И против Лалињата се бројат четири меѓусебни дуели, сите во рамки од квалификациите за Светско првенство, во кои Македонија бележи два порази и две ремија. Нашиот великан Горан Пандев беше стрелец во ремито од 2-2 на некогашниот „Градски“ стадион во октомври 2004 година, уште еднаш на исто место погоди во поразот од 1-2 претрпен во септември 2008 година.

На домашен терен Холаѓаните имаат славено со 4-0 во април 2009 година, но и реми без голови во октомри 2005 година.

Неспорно е дека ќе биде тешко во сите три натпревари, но духот на оваа златна генерација на фудбалери ни дава надеж дека победата над Грузија ќе биде надмината, со прва историска радост и на големата сцена.

- Оглас -

Најнови вести