Еден од најдобрите играчи во Премиер лигата и капитен на египетската репрезентација, Мохамед Салах, беше позитивен на последното тестирање на Коронавирусот, па затоа наместо на теренот во националниот дрес, заврши во изолација.
За среќа на Египет, и без првата ѕвезда успеаа да слават против Того минимално со 1:0, во дуел од квалификациите за Африканскиот куп на нации. Лекарот на националниот тим објасни каква е ситуацијата со Салах.
„Мо има благи симптоми и не е сериозен случај. Мора да биде во изолација барем седум дена, а ако потоа биде негативен на тестирањето, ќе може да се врати во Англија“, вели лекарот Абу Елела.
Салах се покажа како позитивен на Коронавирусот, откако пред неколку дена беше забележан како без маска танцува заедно со 10-тина други луѓе на свадбата на неговиот брат во Каиро. Лекарите не може да потврдат, но постои голема веројатност Салах тогаш да се заразил со опасниот вирус.
Поради тоа што мора да биде во изолација, Салах нема да може да настапи за Египет и на гостувањето против Того, кое се игра на задутре.