НБА-лигата одлучи новата 2020/21 сезона да ја стартува на 22 декември, а како што беше претходно потврдено, ќе се играат 72 натпревари во регуларниот дел наместо стандардните 82 меча.
Она што е интересно е дека плејин форматот останува, екипите од седмото до 10-тото место во двете конференции ќе разигруваат за последните места во плејоф-фазата.
Седмопласираниот тим ќе добие предност на домашен терен, а во серијата против екипата на осмо место ќе се бори за директен пласман во разигрувањата. Губитникот од таа серија ќе игра против подобриот од серијата меѓу деветто и десесттопласираните екипите, по што ќе се добијат и последните патници во плејофот од двете конференции.
Раководството на НБА најде начин и како да го лимитира патувањето на екипите. По три меча во регуларниот дел ќе се играат меѓу тимовите од иста конференција, додека по два дуели се предвидени со тимовите од спротивната конференција.
Разигрувањата треба да почнат на 22 мај, а точно два месеци подоцна, односно на 22 јули, треба да се добие новиот шампион. Паузата и Олстар-викендот се предвидени за 5 -10 март, но засега е неизвесно дали ревијалниот спектакл ќе се одржи и е првично закажан да биде во Индијанаполис.
Минатата сезона се доигра во „балон систем“, а ЛА лејкерс триумфираше во Светот на Дизни во Орландо, освојувајќи ја 17-тата титула во својата историја.