ФИФА за една недела ќе ја објави новата листа, ексклузивно ви презентираме каде ќе биде Македонија

Македонската фудбалска репрезентација ќе остане на 65-тото место на најновата ранг-листа која на 26-ти ноември ќе ја објави Светската фудбалска асоцијација ФИФА. Црвено-жолтите и во октомври беа на оваа позиција, но разликата е што сега ќе имаат три поени (1.362) помалку во однос на претходното рангирање (1.365) и што сега имаме пад за едно место што се однесува до европските селекции.

Историската победа над Грузија, потоа онаа над Естонија, заедно со поразот од Ерменија не беа доволни за да собереме некој поен плус на рангирањето.

Ако ги сметаме само репрезентациите од Европа, нашата репрезентација ќе биде 34-та, а претходниот месец бевме 33-ти. Ваквото рангирање потврдува дека дефинитивно Македонија ќе биде во четвртиот шешир при ждрепката за квалификациите за Светското првенство 2022 година.

Што се однесува до врвот, и натаму прва останува Белгија, а во Топ 10 ќе бидат уште Франција, Бразил, Англија, Португалија, Шпанија, Аргентина, Уругвај, Мексико и Италија. Во топ 6 нема измени, но Мексиканците со напредокот кој го имаат, за првпат по 2011 година се меѓу деветте најдобри и им се отвора вратата да бидат носители при ждрепката за групите на Мундијалот во Катар.

- Оглас -

Најнови вести