Македонија рутински со победа од 4-0 против Гибралтар стави печат на првото место во четвртата група од Сегментот Д во премиерното издание на Лигата на нациите, а сега следува вистински предизвик, да се изодат уште два чекори до историски настап на Европското првенство во 2020 година.
Енис Барди со еврогол во 27-мата минута го разби бункерот на скромната селекција на Гибтралтар, а потоа со два гола во второто полувреме успехот го потврди Илија Несторовски. Неговиот соиграч од Палермо, Александар Трајковски, со уште едно ремек-дело во 90-тата минута ни донесе убедлив триумф со четири голови разлика.
Несторовски беше прецизен во 67-мата и во 80-тата минута, вториот гол беше прекрасен, а шлаг на тортата стави Трајковски со бомба во последните моменти од мечот.
Македонија ги заврши натпреварите во фазата по групи со 15 бодови, како првопласирана селекција во четвртата група и ќе биде домаќин на нокаут мечот во полуфиналето, закажан за во март 2020 година.
Противникот ќе се знае утре по дуелот меѓу Косово и Азербејџан, а освен една од тие две селекции, во игра за гостување во Скопје е и Белорусија.