Оваа 2018 година е најлоша во историјата на германската репрезентација

Германската репрезентација по лошо ќе ја памети оваа 2018 година, а и синоќешниот меч со Холандија, кој „Маншафт“ не го доби иако водеше со 2-0 до 85-тата минута, покажува дека многу работи не се како што треба во тимот на селекторот Јоаким Лев.

Германија за првпат во својата историја во една календарска година загуби шест натпревари, а да биде трагедијата поголема, на сите шест меча Германците имаа поголем посед на топката. Беа поразени од Бразил, Австрија, Мексико, Кореја, Холандија и Франција, мечеви на кои имаа посед од 56 до 70 проценти.

Последната победа на „панцирите“ беше во групната фаза на Светското првенство, кога Тони Крос во финишот даде гол за триумф над Шведска, но потоа бродот почна да тоне. Низа од пет официјални меча без победа Германија имала само уште во 1979 година.

Синоќа против „лалињата“, Германија водеше 2-0, но по вторпат во историјата тоа не беше доволно за победа. Пред шест години, Германија против Шведска водеше со 3-0, а средбата заврши 4-4.

Томас Милер го одигра јубилејниот 100-ти меч во репрезентативната кариера, но нема да го памети по добро. Ако вечерва Полска остане непоразена против Португалија, тогаш Германија во ждрепката за квалификациите за ЕП 2020 нема да биде меѓу првите носители.

- Оглас -

Најнови вести