Снимка и фотографија од натпреварот од третата бразилска лига на сојузната држава Парана помеѓу Камбе и Паранаваи станаа хит на социјалните мрежи поради геометрискиот облик на средината на теренот каде што треба да има круг.
Според правилата, кругот треба да биде со радиус од 9,15 метри од центарот на теренот каде што се изведува почетниот удар. На овој терен во Бразил, левата страна од кругот се чини во ред, но десната дефинитивно е неправилна. И линијата која го дели теренот на два дела е прилично неправилна и искривена.
Судијата Вагнер Малвеиро Силва ги пријавил проблемите со линиите, но мечот се одигра бидејќи оние најважните линии, како гол-аутот и 16-никот биле правилно исцртани. Од домашниот клуб ветија дека на следниот меч нема да има ваков пропуст.