Трикратниот победник во забивање влегува во рингот во предборба на дуелот на Мајк Тајсон

Нејт Робинсон влезе во историјата на НБА како прв играч што успеал трипати да победува на Олстар-мечот во забивање. Иако има 175 сантиметри, Робинсон покажа дека за него нема граница на кошаркарскиот терен. Сега Робинсон реши да го промени спортот и да се испроба во предизвикот наречен бокс.

Веќе подолг период Робинсон тренира и се подготвува за своето деби во рингот, кое ќе биде в сабота. Некогашната НБА-ѕвезда ќе биде дел од мечевите кои се како предборба за главниот настан, враќањето на Мајк Тајсон на рингот. Тајсон на 53 години ќе боксува против Рој Џонс јуниор, додека Робинсон за противник ќе го има 13 години помладиот Јутјубер Џек Пол. Робинсон вели дека уште како дете бил пргав и секогаш на првата линија ако имало некоја тепачка.

„Секогаш сум бил подготвен да му помигнам на некој пријател ако се најде во неволја. И кога на некој меч ќе се случеше некој проблем, секогаш бев прв да помогнам. Моите родители така ме воспитале. Добро бев подготвен за ваквите животни ситуации. Татко ми постојано ми велеше дека никогаш не смеам да избегам од борба, односно дека не смеам да бегам од нешто што е пред мене. Кога нешто ќе започнеш, треба да го завршиш“, вели Робинсон.

Робинсон вели дека во рингот се чувствува многу послободен отколку на кошаркарскиот терен.

„Ова е нешто во кое можам да бидам вистинскиот јас. Тренерите не гледаат на мене како на проблем, како што беше во НБА-лигата. Бев премногу слободен за нив во НБА, а тука можам да правам што сакам. Лесно ми е, секој ден доаѓам на тренинг, вежбам и се забавувам. Конечно уживам во тоа што сум. Ова е нов предизвик за мене. И пред да станам кошаркар, сите ме отпишуваа и не веруваа во мене. На 28 ноември ќе покажам дека сум работник и дека едноставно сум создаден за ова“, вели Робинсон во пресрет на неговото деби на боксерската сцена.

 

- Оглас -

Најнови вести