ФИБА преку соопштение го потврди одложувањето на натпреварот меѓу Македонија и Италија кој требаше да се одигра во рамки од четвртото квалификациско коло за ЕП 2022.
Во нашиот национален состав прво се појави еден позитивен случај, тоа беше Љубомир Младеновски, но комплетните резултати од тестирањата потврдија дека станува збор за тројца членови кои се заразени со корона-вирусот.
Ќе се прават нови тестирања, а дури потоа ќе се носи одлука околу презакажување на натпреварот, додека засега нема индикации дека може да се додели службен пораз на тимот кој го предводи Ацо Тодоров.
„Следејќи го протоколот Ковид-19 за официјалните натпреварувања на ФИБА во националните тимови и клубовите и советите на нејзината медицинска комисија, ФИБА одлучи да го одложи натпреварот Италија – Северна Македонија, за квалификациите за ФИБА ЕвроБаскет 2022 што требаше да се одржи денес во Талин, Естонија.
Одлуката беше донесена откако тројца членови на делегацијата од Македонија беа позитивни на ковид-19, при што примарното внимание беше на здравјето и безбедноста на играчите, тренерите и службениците. Остатокот од делегацијата е ставен во изолација.
Дополнително ќе се изврши ново тестирање на тимската делегација на Македонија за понатамошна медицинска проценка и одлуки, вклучително и можно презакажување на натпреварот за време на овој ноемвриски прозорец. ФИБА ќе продолжи да ја следи ситуацијата со ковид-19 и да ги соопштува сите дополнителни ажурирања во врска со нејзините натпреварувања доколку е потребно“, стои во соопштението.