Аргентинскиот клуб Расинг ја доби фудбалската драма во осминафиналето во Копа Либертадорес против актуелниот првак на Јужна Америка, Фламенго, а тренерот Себастијан Бакасесе сега има биланс што ќе ги збуни и добрите математичари.
Аргентинецот, кој го предводеше Расинг ноќеска до подвиг против Фламенго и пласман во четвртфиналето во Копа Либартадорес, четирипати го имал за противник Рожерио Сени во тренерските битки и никогаш не го победил во регуларен дел, но и двапати го елиминирал во два двомечи.
Првиот пат му успеа како тренер на Дефенса Јустиција, аргентински клуб што го предводеше против Сао Пауло, чиј тренер тогаш беше Сени, а двата дуели завршија нерешено.
Во Аргентина беше 0:0, во Бразил 1:1, па благодарение на голот постигнат на гостински терен, Дефенса Јустиција го елиминира Сао Пауло, а Бакасесе ја доби првата тренерска битка против легендарниот поранешен голман од Бразил, Рожерио Сени.
Ноќеска заврши и вториот чин во меѓусебните дуели на двајцата тренери и повторно на два меча немаше победник, но и повторно тимот што го предводеше Бакасесе го елиминира клубот на чие кормило е Сени.
Расинг му дојде на реванш на актуелниот првак на Јужна Америка, Фламенго, со реми дома од 1:1, а и реваншот ноќеска на култната „Маракана“ заврши со ист резултат, па одлучуваа пеналите.
Гостите ги погодија сите пет, за Фламенго промаши Арао во четвртата серија и пласман во четвртфиналето обезбеди Расинг клуб.
Бакасесе нема победа во регуларен дел против Сени, но има максимален ефект два од два со пласман понатаму со неговите тимови.
Во четвртфиналето Расинг клуб ќе игра со подобриот од двомечот меѓу бразилски Интернасионал и аргентинскиот гигант Бока јуниорс, што ќе почне ноќеска.