Нема да има публика, но кореографијата е подготвена на „Маракана“

Со девет бодови од четири меча, Црвена ѕвезда покажа дека игра одлично во групната фаза од Лигата на Европа. Српскиот првак вечерва на свој терен го пречекува Хофенхајм, тимот од кого загуби во првото коло со 2:0. Ѕвезда дури и со пораз може да биде сигурно втора, ако во вториот меч од групата Либерец не победи на гости кај Гент.

Иако на стадионот во Белград не е дозволено присуство на гледачи, на една од трибините на популарната „Мала Маракана“ ќе има кореографија. На речиси цела Источна трибина, на сина позадина ќе биде кореографија на која ќе ги има иницијалите М.И., а во средина ќе има јагода. Јагода е прекарот на Марко Ивковиќ, навивачот на Црвена ѕвезда кој беше убиен во Истанбул.

Ивковиќ настрада на 21 ноември 2014 година, кога беше убиен од хулигани на Галатасарај пред кошаркарскиот меч од Евролигата во Истанбул. Со денешната кореографија, навивачите ќе покажат дека и по шест години од трагедијата, Јагода не е заборавен.

 

- Оглас -

Најнови вести