Нов шок за светскиот првак, сè поверојатно е дека нема да ја помине групата

Светскиот ракометен првак во женска конкуренција, репрезентацијата на Холандија претрпе нов шок на Европското првенство. Лалињата синоќа беа поразени од Србија (25:29), а вечерва загубија и во дуелот со Хрватска, овојпат со 27:25. Со оваа победа, Коцкестите си обезбедија место во следната фаза.

Холандија беше голем фаворит пред мечот, но на теренот не беше така. Хрватска водеше во првите 20-тина минути со максимални три гола, но Лалињата до крајот на првиот дел успеаја да направат пресврт и поведоа со 14:13. Во второто полувреме, ниту една од двете селекции немаше предност поголема од еден погодок, па се знаеше дека ќе има драматична завршница.

Сепак, кога беше најпотребно, Хрватска од 23:24, со серија од 3:0 стигна до 26:24 и беше јасно дека ќе победи на крајот.

Во останатите мечеви кои денеска се одиграа, Унгарија без поголеми проблеми со 38:26 ја победи Србија, додека Франција со 27:17 славеше над Словенија.

- Оглас -

Најнови вести