Откако поради четворица заразени од корона-вирус, македонската кошаркарска репрезентација не можеше да ги одигра двата меча во Талин, против Италија и Естонија, во овој ноемвриски квалификациски прозорец, одлучено е во февруари во рускиот град Перм да се играат сите четири меча кои ни останаа до крајот на циклусот, и тоа во рок од само пет дена.
Селекторот Александар Тодоров вели дека тоа што турнирот ќе се игра во Русија и не е некое големо изненадување. Многу повеќе е загрижен за решението на ФИБА, во Перм да одиграме четири натпревари во перидот од 18 до 22 февруари 2021 година.
„Одлуката да се игра во Русија за мене не е изненадувачка бидејќи, горе-долу, тоа го очекувавме. Повеќе сум изненаден од решението да се играат четири натпревари само со еден ден пауза помеѓу вториот и третиот, што за нас може да претставува голем проблем. А згора на сè, и последниот натпревар во тие пет дена да биде токму оној со Естонија. Нам ни останува да се подготвиме како да го преживееме овој убиствен ритам“, констатира Тодоров.
Од оваа временска дистанца, селекторот издвојува неколку фактори кои би можеле да се покажат како клучни во тој „пекол“кој со себе го носи турнирот во Перм.
„Неколку фактори се важни: Прво, каква ситуација ќе имаме со заболени од корона-вирусот и, генерално, со повреди во тој февруарски циклус, бидејќи единствен начин да се справиме со овој календар е една широка ротација од 12-мина играчи, веројатно и да имаме 14-15-мина играчи на располагање. Со идеја на клучните кошаркари да им дадеме барем еден екстра, односно слободен ден за одмор. Второ, треба да видиме каква среќа ке имаме со летовите до Перм. Минатиот пат имавме сосема добра конекција, но сега сме сведоци на секојдневно откажување на летови. Затоа, треба да почекаме, да видиме дали ќе може да го најдеме најбрзиот пат до Перм. И трето, треба да видиме колку денови порано ќе ни биде дозволено да отпатуваме за Перм. Со оглед на големата часовна разлика и можноста за нејзино прилагодување, уште сега бара решенија предводникот на нашата најдобра селекција“, вели Тодоров.