Босанецот сонува да игра за Ѕвезда, судбината го прати во Белград како ривал

Раде Круниќ, играчот за врска на Милан, како долгогодишен навивач на Црвена ѕвезда му се укажа шанса да ги одмери силите против актуелниот српски шампион во првата рунда од нокаут-фазата во Лигата на Европа.

Босанскиот репрезентативец уште од мал сонувал да игра во црвено-белиот дрес на стадионот „Рајко Митиќ“, или популарната „Маракана“, но судбината сакаше како ривал да се појави во Белград. Наводно Круниќ пред околу четири години имал прилика да стане член на Ѕвезда, меѓутоа трансферот пропаднал.

„Ѕвезда проба да ме доведе во своите редови во периодот кога Лалатовиќ беше на клупата. Имав контакт со управата, но сепак не дојде до договор“, изјави Круниќ пред неколку месеци, а потоа додаде дека уште се надева дека ќе си го оствари сонот.

„Моментално сум фокусиран само на Милан, но никогаш не се знае. Сепак, тоа не значи дека се откажав од намерата еден ден да заиграм за мојот омилен клуб. Би сакал да го сторам тоа додека сум во добра физичкка форма, а не на залезот од кариерата“, заврши босанскиот фудбалер.

- Оглас -

Најнови вести